Пустош и големи штети предизвика невремето кое вчера попладнето зафати повеќе населени места од Прилепско, особено во реонот на село Канатларци и Ерековци. Жителите се жалат дека околу 70 отсто, а некаде и до 100 отсто се оштетени нивите со тутун, бостан, житни култури и пиперки.
Според првичните проценки оштетувања има на површина од околу 2000 хектари. Денеска во посета на оштетеното подрачје беа градоначалникот Илија Јованоски, претставници од Министерството за земјоделство и од Комисијата за штети при општинскииот совет.
– Најмногу се оштетени тутунопроизводителите, но штета има и во земјоделските посеви на житариците, бостанот и пиперките. Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди при Советот на општина Прилеп е веќе формирана и уште од денеска, сите оштетени земјоделци може да достават барања за направената штета, а веќе од утре комисијата да излезе на терен и да направи проценка – посочи градоначалникот Илија Јованоски.
Зоран Пачешкоски од ПЕ на Министерството за земјоделство рече дека Комисијата за утврдување штети е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре, во општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите, копии од трансакциска сметка и лична карта.
Во моментот штетата не е утврдена, за што комисијата работи на терен. Ка.М.