ГЕВГЕЛИЈА

Советниците во Општина Гевгелија го усвоија полугодишниот извештај за состојбата со безбедноста во сообраќајот на патиштата на подрачјето на полициската станица со општа надлежност во Гевгелија за 2021 година. Во првите шест месеци од 2021 година, на територијата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, кои ги покрива ПС Гевгелија, се случиле 58 сообраќајни незгоди, од кои две се со загинати лица, девет се со тешки телесни повреди, 11 со телесни повреди и 36 со материјална штета од над еден милион денари. Во вкупниот број на сообраќајни незгоди, според извештајот на командирот на ПС Гевгелија, Миле Ангелков, има зголемување во однос на изминатата 2020 година.
Како причини за случување на сообраќајните незгоди, според извештајот, се наведени управување со поголема брзина од дозволената, управување под дејство на алкохол, непочитување на првенството на минување и на држењето растојание, страна и правец на движење. На отворен пат, во првите шест месеци од 2021 година, се случиле 34 незгоди, а во населените места 24 сообраќајни незгоди. Во рамките на редовното работење, во посочениот период се организирани и спроведени повеќе акциски контроли, како локални така и републички, за откривање, попречување и санкционирање на сообраќајните прекршоци што влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Во овие акции се контролирани вкупно 5.156 возила, при што од сообраќај се исклучени 63 возила и 291 возач од сообраќај и одземени се 61 возачка дозвола. Издадени се 2.574 прекршочни платни налози, од кои наплатени се 1.484 – информираат од Општината.

Советот го усвои и кварталниот извештај за извршување на буџетот. Оценет како позитивен, со вкупно приходи во висина од над 236 милиони денари, 224.171.998 денари се приходи, а 12.185.307 денари се капитални расходи.
Членовите на Советот донесоа одлука за прифаќање донација од државната видеолотарија „Аустриа касинос“. Имено, со оваа одлука, Гевгелија ќе добие ново мултифункционално игралиште за ракомет, фудбал и кошарка и ќе се изгради нов детски парк, на локацијата пред социјалните згради, крај западниот булевар – велат од Општината.
Советниците беа информирани за состојбата со занаетчиската дејност во општината Гевгелија. На дневен ред на оваа седница, членовите на Советот ја разгледаа иницијативата на наставниците од училиштата „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ за исплата на надоместок за прекувремена работа за учебната 2020/2021 г.
– Од страна на Советот е донесена препорака до четирите основните училишта од Општина Гевгелија, со стручните служби да се обратат писмено до Министерството за образование и наука за утврдување на методологијата за пресметка на додатокот на плата за прекувремена работа за наставниците што реализираа настава со физичко присуство во две смени во време на пандемија – велат од Општината.