Во иднина вработените на РЕК „Битола“ ќе се возат во нови еколошки автобуси. Викендов беа промовирани шесте нови екоавтобуси на природен гас метан, наменети за превоз на работниците на РЕК „Битола“. Инвестицијата вредна 1,4 милион евра е финансирана со сопствени средства на АД ЕСМ.
Свеченото (примо)предавање на новите шест еколошки автобуси беше означено со симболично предавање на клучот на првиот човек на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски, од претставникот на Турција, од каде што се набавени автобусите.
– Набавката на новите автобуси на природен гас е исполнување на ветувањето на Владата и на ЕСМ за подобрување на условите за работа во комбинатот, за намалување на трошоците за работа и за заштита на животната средина. Со набавката на новите еколошки автобуси се зголемуваат безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК „Битола“, кои работат во исклучително тешки услови. Од еколошки аспект, автобусите што досега ги превезуваа работниците не ги исполнуваат ниту минималните еколошки стандарди за разлика од новите еколошки превозни средства – рече Ќурчиевски.
Заев кажа дека постепено се преминува кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија, како што се водата, сонцето и ветерот.
Шесте нови екоавтобуси што ќе служат за превоз на работниците во РЕК „Битола“ се на еколошки погон, односно работат на метан. На овој начин постепено го менуваме возниот парк на РЕК, во кој со години воопшто не се вложуваше. Покрај вработените на РЕК „Битола“, овие еколошки автобуси кога ќе бидат слободни ќе можат да ги користат учениците и студентите од Битола и општините Могила и Новаци, како пензионери, членови на спортски клубови, на здруженија и на невладини организации.