Во тек е кампањата на „Секое дете му треба семејство“, која има за цел да ги мотивира семејствата да згрижат деца, кои се во македонските институции, а останале без родителска грижа. Директорот на Центарот за социјални работи во Штип, Станко Димитров апелира до граѓаните на општините Штип и Карбинци да се вклучат во кампањата за згрижувачки семејства и доколку има интерес потребно е да се јават во центарот, каде што ќе им се појасни постапката и условите за згрижување на деца.
– Во постапката ќе биде направено тестирање на кандидатите, по што следи обука, што трае од 30 до 60 дена, која ја спроведува стручен тим од Центарот за социјални работи во Штип, а по програма изготвена од Заводот за социјални дејности. Значи мојот апел е сите заинтересирани граѓани од двете општини слободно да се пријават во Центарот, каде што подетално ќе им се објаснат сите услови за згрижување – рече Димитров.
– Тоа е хуманост, а за хуманоста секој згрижувач ќе добие и соодветен надоместок за згрижување на деца без родителска грижа. Предвиден е и надоместок за трошоците за згриженото дете и надомест за згрижувачот – вели Димитров.
Тој истакна дека праксата покажува дека во Штип имало роднинско згрижување на децата, а во моментов во претходната кампања се има пријавено само едно згрижувачко семејство, за кое во тек е постапката. Инаку кампањата „На секое дете му треба семејство се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.