ГЕВГЕЛИЈА

Според извештајот доставен од Општата болница со проширена дејност во Гевгелија за состојбата со употребата на наркотици и психотропни супстанции кај младите во општината Гевгелија, кој беше разгледуван на 62-та седница на Советот на Општината, во моментот, во Центарот за превенција и третман на зависности од опојни дроги се третираат 64 лица.
– Од нив, седум се жени и 57 се мажи, а се на возраст од 30 до 45 години. Од нив, 53 се третираат со метадонска терапија, а 11 лица со бупренорфин. Освен третманот со медикаменти, наедно им се даваат и психолошка и социјална поддршка на лица зависници од хероин. Истовремено, Центарот им нуди третман и на затворениците во КПУ „Затвор Гевгелија“, па затоа бројката варира од 50 до 90 лица што се зависници од наркотици и психотропни супстанции. За разлика од минатата година, оваа година бројката на уживатели на психотропни супстанции и наркотици што се третираат во Центарот е зголемена за 10 лица – велат во Општината.
Раководството на болницата нагласува дека оваа бројка е само на регистрирани лица на лекување во Центарот и дека реалната бројка на корисници на наркотици и психотропни супстанции кај младите во општината е многу повисока.
За одредување на распространетоста е потребна поголема координираност помеѓу повеќе институции. Ваквата констатација едногласно беше поддржана од сите членови на Советот, сметајќи дека за спречувањето на актуелниот и сериозен проблем треба да се подготви стратегија, како на локално, така и на државно ниво – додаваат оттаму.