ШТИП

Деновиве во Штип е ставена во функција новата модуларна болница, која има капацитет да прими и болнички да третира 47 пациенти.
-Здравјето на граѓаните е и ќе остане наш врвен приоритет. Модуларната болница во Штип ќе биде од исклучителен придонес и за другите градови од Источна Македонија – информираат од Општината.
Болницата е наменета за најтешките пациенти што се борат со коронавирусот. Во неа има место за 47 пациенти. Од раководството на болницата апелираат до граѓаните сериозно да се сфати овој бран, кој е посилен од сите претходни. Ако во есенскиот бран се трошеле по 500 литри кислород, во последните денови се трошат и по 800 литри кислород. Во градот има сѐ повеќе пациенти што се со потешка клиничка слика и кои мора да бидат хоспитализирани.

– Во екот на третиот бран, доаѓаме на ова место за да им дадеме поддршка на здравствените работници. Завршени се сите организациски и технички прашања. Јас и Општината стоиме на располагање за сѐ што е потребно понатаму. Сега здравствената услуга е на највисоко ниво, имаме млади кадри што беа едуцирани и веќе активно работат на одделенијата. Но мора да апелирам граѓаните да останат одговорни, да одржуваат дистанца, да носат маски и да не се групираат. Ковидот како пандемија не запира, овој бран е пострашен од есенскиот и од зимскиот. Има високи температури, кои траат долго, пациентите имаат компликации. Важно е навремено да се јават на лекар, да не се чека дома – вели градоначалникот на Штип, Сашо Николов.