Во Кичево беше извршена презентација на проектот „10.000 сончеви покриви“, кој е подржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Презентер на овој проект кој се спроведува под мотото „Сонцето нека ги плаќа нашите сметки“, беше Звонко Маркоски, експерт од оваа област, кој своите пионерски чекори во оваа област ги направил уште во далечната 1992 година. Кичево е првиот град во земјава каде што се презентира овој проект.
-Кичево беше нашата прва станица на презентација на проектот „10.000 сончеви покриви“, кој е подржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Ваква презентација ќе спроведеме во целата наша земја, за да им ги доближиме на граѓаните поволностите што ги нуди овој проект и само во една календарска година едно семејство може да заштеди и 800 евра и за најмногу 5 години инвестицијата целосно да се врати, додека векот на траење на опремата е околу 40 години. Тоа значи дека понатаму без дополнителна инвестиција да се користат благодетите од овој проект-истакна Звонко Маркоски, кој најави скорешен почеток на изградба на фотоволтаична централа на поранешниот рудник за јаглен „Осломеј“.
Посочи дека пред еден месец формирале групација на дизајнери, производители и монтажери на фотоволтаични постројки со име ПИВИМАК, која ја сочинуваат 8 компании основачи.
-Се здруживме со цел да излеземе во пресрет на најавите на Владата, дека 200 мегавати фотоволтаици ќе влезет во Македонија, кои што треба да се инсталираат. А прва на таа листа е фотонапонската централа Осломеј, која треба да има инсталирана сила од 15 мегавати, а кога точно ќе почне изградбата на оваа централа ќе зависи од нашата Влада –додаде Маркоски.
З.А.