Во детската градинка во населбата Буковски ливади, која работи во составот на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, деновиве почна комплетно да се оспособува и опремува уште една училница, која од септември дополнително ќе згрижува нови 20 деца.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска ја посети градинката, каде што се изведуваат повеќе зафати за осовременување на згрижувачкиот и воспитно-образовниот процес. Општина Битола за оваа (пре)адаптација издвои 180.000 денари.
Со овие средства ќе се изврши оспособување на нова занимална, а со тоа и намалување на бројот на деца од листата на чекање за упис во градинките за најмалку 20 деца.
Директорката на градинките Лидија Тфирст Митревска посочи дека во оваа просторија се изврши комплетно бојадисување, лакирање на паркетот, а набавен е и нов мебел за сите занимални, односно масички, столчиња, гардеробери, креветчиња, нови душеци. Паралелно, се реновираа и терасите во објектот.
Во изминатите две и пол години, во рамките на градинките „Естреја Овадија Мара“, отворени се 4 нови занимални, како и градинката во Кравари, која има две занимални, со што дополнително се овозможени услови за згрижување на нови 120 деца, по ковид стандарди, велат од Општината Битола.
М.М.