Од денес во Битола комналното претпријатие „Комуналец“ од кантите за отпадоци во градот, наместо рачно ќе се собираат со специјално возило на електричен погон.
Новото електрично возило, чија потрошувачка е 6 денари на поминати 90 километри, е само еден од бенефитите за почиста животна средина во градот под Пелистер. Паралелно со возилото, ЈП „Комуналец“ набави дополнителни машини за косење, сечење и одржување на тревните површини на електричен погон.
– Наше вработено лице, секојдневно со оптимална рута на движење, ќе може да ги празни сите корпи за отпадоци низ градот. Со едно полнење на батериите на ова возило, може да се поминат 90 километри, а за тоа полнење се потребни 6 денари. Со ова покажуваме дека се грижиме и за животната средина и за трошоците на работа, а размислуваме и за проширување на опфатот и за набавка на уште едно или две вакви возила. Во вредност од помалку од еден милион денари е набавката на оваа електрична опрема, а оваа инвестиција се враќа уште првата година – истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Според градоначалничката на Битола, Наташа Петровска набавката на електричното возило е само уште еден показател дека општината Битола, заедно со јавните претпријатија, ги унапредува нагледните средства и се она што го користи за работа, а е во функција на заштитата на животната средина. Овој континуитет е всушност надоврзување на се што сме правеле претходно во насока на заштита на животната средина, како низата зафати во институциите кои што се под надлежност на општината, како санација на покриви, фасади, промена на системи за греење, субвенционирање од општината за велосипеди, системите за греење во домовите на граѓаните.
– Веќе општината ги има навабено и деновиве треба да пристигнат превозните средства на метан. Сето ова покажува дека во еден ваков интегриран систем навистина делуваме доста добро, во насока на заштита на животната средина. Секогаш може повеќе да се направи како додадена вредност, но генерално политиките кои што ги водиме покажуваат дека се движиме во насока којашто е препознатлива во светски стандарди од аспект на животната средина. И денес потврдуваме дека домаќинското работење на општината и јавните претпријатија е видливо за сите граѓани – рече градоначалничката Наташа Петровска.
М.М.