Фото: Зоран Антовски

Вечерта на серенада и народна музика, што синоќа се одржа во големата сала од Центарот за култура во Кичево, донесе музика за вистинските љубители, а присутните во преполната сала со големо внимание ги следеа настапите на фолк ветераните и младите таленти од градот.

Речиси два часа многубројните гледачи од сите генерации уживаа во мелосот кој за нив оваа вечер го подготвија мајсторите на музиката од овој град. Долготрајните аплаузи на крајот, беа најдобар доказ дека доживувањето беше единствено и незаборавно.

Песни за сите вкусови и генерации како „Ратка“, „Кажи Рајне“, „Јовано Јованке“, „Лажи вере“, „Ах кадее мојто либе“ и многу други, беа перфектно изведени како да се работи за врвни професионалци, а не од музичари од кои дел подолг период биле надвор од музиката.

-Оваа вечер не треба да биде единствен настан од ваков вид во нашиот град. Сите што настапија вечерва потврдија дека на старите може да се смета, а младите свират и пеат како искусни мајстори. Сите нумери беа прецизно изведени и репертоарот беше целосно подреден за сите да бидеме презадоволни од се што слушнавме и видовме оваа вечер- истакна на крајот професорот по музика Горан Делевски, кој беше дел од присутната публика.

Посебно пленеше сериозноста и прецизноста со која фолк ветераните ги изведоа десетината песни.

-Се она што го доживеавме оваа вечер не прави да бидеме многу среќни и задоволни. Според аплаузите и вниманието на публиката, можеме да заклучиме дека сме направиле вистински избор и последниот месец исполнет со секојдневен тренинг не е напразно потрошено време. Овој настап не тера на помислата и наредните години да организираме нешто слично – рекоа после концертот Цане Наумоски, Даме Арсоски и Аце Степаноски, дел од ветеранскиот состав.

З.А.