По 13 – ти пат на седми јануари во Прилеп во организација на Детската амбасада за сите деца во светот ќе се одржи Божикен ручек. 500 деца ќе се дружат на свечениот ручек и ќе го прослават Христовото раѓање. Оваа година, по 10-ти пат на прославата Детската Амбасада за сите деца во светот го доделува престижното признание за општествена одговорност Орден носител на мирот, кому годинава ќе му биде врачено на Живко Мукаетов.
Децата од целата територија на Република Македонија на заедничка трпеза ќе го прослават Божиќ, денот на Христовото раѓање. На заедничката трпеза, како што беше речено на денешната прес конференција, ќе седнат деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада, од Прилеп, од Скопје, Штип, Тетово, Крушево, Демир Капија, Струмица и од другите градови ширум државава. Манифестацијата е под мотото „Едно небо за сите деца“.
На децата ќе им бидат доделени пакетчина за слатки сеќавања на Божиќниот Ручек, за кои се погрижи Градоначалникот на Општина Прилеп г-дин Илија Јованоски.
Божиќниот Ручек ќе го благослови Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар. За збогатување на свеченоста ќе се погрижат од танц студио „Зодијак“ од Прилеп и Марија Костоска, a како и секој Божиќ, за уште повесела забава на овој Божиќен Ручек, ќе настапи и македонскиот идол Христијан Тодороски.
И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, ќе има и доделување на плакети за пријател на децата.
Ка.М.