Со далеку помал број манифестации и без присуство на гости од збратимените градови, со почитување на сите здравствени протоколи, Битола денеска го одбележа
својот 76 роденден.

Одбележувањето почна со полагање на букети свежо цвеќе кај Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, претставници од Советот на општината, како и делегација од Сојузот на борци, претставници од политичките партии и најмладите извидници од Битола, со положување на свежо цвеќе кај Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура, го започнаа денешното одбележување на 76-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна.

– Почитувани сограѓани, првпат после ослободувањето на Битола, се наоѓаме во вакви, исклучително тешки околности. Меѓутоа и во оваа криза на пандемија, остануваме простум да оддадеме почит кон ослободителите на нашиот град, кон нашата гордост. Низ звуците на химната и маршевите покажуваме дека во нас има жар за опстанок, дека во нас има желба за творење и за продолжување на нивното дело. Дека во нас има љубов кон Битола, прикажана преку новиот симбол, кој што се наоѓа кај нашата Саат кула.

Во оваа прилика, сакам да им го честитам празникот 4 Ноември на нашите битолчани и воедно да си посакаме добро здравје, за да празнуваме вековито – изјави Петровска.

Чествувањето на Денот на ослободувањето на Битола продолжува со повеќе програмски активности во организација на Општина Битола, а онлајн
ќе биде потпишана Повелба за збратимување со градот Цетиње, Црна Гора.

М.М.