Со натчовечки напoри на сите вработени, кои неколку дена деноноќно работеа на санирање на последиците од големите поплави што ги зафатија рудниците во РЕК „Битола“, Суводол и Брод Гнеотино, багерските единици „СРс 630/1“ и „СРс 323“ за ископ на јаглен повторно се ставени во функција. По нивното оспособување во рудникот „Суводол“ продолжува ископот на јаглен, во согласност со предвидениот план за производство на електрична енергија, како и потребите на електроенергетскиот систем на земјата. Двата багера за ископ на јаглен се ставени во функција само неколку дена по поплавите што го зафатија рудникот „Суводол“.
Но тоа не е крај за вработените во справувањето со водната стихија, санирањето на состојбите продолжува со несмален интензитет и покрај тоа што е исполнета првичната цел – континуиран дотур на јаглен за термоцентралата „Битола 1“.
Испумпувањето на водата и калта што ја оставија зад себе поплавите продолжува и во наредниот период, до целосно оспособување и повторно ставање во функција и на најголемиот багер за ископ на јаглен – „КУ 300“. Инаку големите врнежи, кои пред неколку дена ја зафатија Пелагонија, во целост ги поплавија откопните полиња, што доведе до прекин на ископот и на дотурот на јаглен за нормално работење на битолските термоцентрали. Тие денови во РЕК „Битола“ паднаа дури 630.650 милиони литри вода, кои буквално ги потопија големите багери и дел од транспортниот систем.
По таквите обилни врнежи во РЕК „Битола“ беше прогласена елементарна непогода, а за тоа беа известени сите надлежни државни институции, па дури и армијата на Македонија.
– Ако ви се случи поплава на 4 јули, притоа во ист обем се повтори и на 17 јули, за на крајот сето тоа да се мултиплицира два дена едноподруго, на 5 и 6 август и притоа во сливното подрачје на рудникот „Суводол“ се слеат 630 до 650 милиони литри вода, тогаш е сосема јасно за какви поплави станува(ше) збор – вели првиот човек на РЕК „Битола“ Златко Ќурчиевски.
Инаку елементарните непогоди со големи врнежи не се непознати за рудниците во РЕК „Битола“. Пред неколку години, по исти такви поројни дождови беше буквално однесен 200 метри претоварниот уред на големиот јаловински багер „СРС 1300“. Подоцна исто така од поројни дождови се случи слична хаварија и притоа за три години беше целосно онеспособен најголемиот јаловински багер „2000“, а во 2014 година, заради лизгање на земјиштето во целост беше онеспособен најголемиот јагленосен багер „КУ 300“ цели три месеци.
Веднаш по првата поплава, која го зафати РЕК „Битола“ на 4 јули, свесни дека вакви работи можат да се повторат и случат, вработените презедоа низа мерки за справување со поплавите. Тие почнаа со испумпување на водата, копање канали, изградба на импровизирани брани. Но и тоа не помогна многу за спречување на последиците, бидејки во овој случај се работи за отворање нов рудник.
– Едно беше експлоатацијата на основниот рудник „Суводол“, а сосема друго експлоатацијата на Подинската серија. Ние сме сега во фаза на ширење на рудникот и токму затоа се јавуваа дополнителни кризни моменти како што се јавија сега – истакнува Ќурчиевски.
Тој нагласува дека класични шпекулации се гласините во јавноста дека поради поплавите во РЕК „Битола“ ќе се покачи цената на струјата.
– Тоа апсолутно не е точно. Цела наша опрема, сите наши активности, непредвидливи хаварии, се обезбедени преку соодветно осигурително друштво и сите тие штети ќе бидат супституирани од страна на осигурителната компанија – тврди директорот на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски.
Сега по санирањето на последиците од поплавите и ставањето во функција на багерите „СРс 630/1“ и „СРс 323“ за ископ на јаглен, во голема мера ќе се нормализира производствениот процес на електрична енергија бидејки ќе се обезбеди континуирано снабдување на јаглен на термоцентралата „Битола 1“. Но и покрај ставањето во функција на двата багера, вработените во РЕК „Битола“ не застануваат. Тие со натчовечки напори и активности работат на терен за целосно санирање и отстранување на последиците од поплавите. Се пуштаат цевководи, се монтираат дополнителни пумпи и очекуваме веднаш штом тоа го дозволат временските услови, што поскоро во следниот период да извршиме оспособување на главниот јагленосен багер.
Тоа што особено радува е што сите последици од поплавите се санираат со сопствени сили на вработените, кои по прогласувањето на елементарната непогода ги прекинаа одморите, користењето слободни денови, ги откажаа сите останати свои обврски и до еден дојдоа на работните места за да се вклучат во санирањето на последиците од поплавите. Таквиот однос на вработените придонесе да не се ангажираат други институции и работници, иако своја помош ветија сите надлежни државни институции, па дури и рударите од рудникот „Колубара“ во Србија, кои пред неколку години, по огромните поплави што ја зафатија Србија, се соочија со исти такви елементарни непогоди.