фото: З.А.

За разлика од првиот протест одржан пред три седмици, на вториот протест присуствуваа далеку поголем број граѓани кои со своето присуство потврдија дека најгорливиот проблем за граѓаните на Кичево е дивата депонија и големото аерозагадување. Од насобраните граѓани беше упатен апел до градоначалникот и советниците зошто никој од нив не се охрабри да биде дел од овој граѓански протест, кој нема никаква политичка ни етничка заднина. На собирот се обрати Бојан Мишкоски.

– Почитувани кичевчани уште еднаш ви благодарам што излеговте заедно со нас на втор мирен протест кој мораше да се случи. Мораше да се случи поради тоа што од градоначалникот и одговорните институци не добивме конкретен одговор на нашите барања. Имено, по првиот протест освен една реченица од страна на градоначалникот упатена кон нас преку еден од медиумите, не добивме ни ветување дека ќе се реши овој проблем. Градоначалниче, и да се реализира отворањето на регионалната депонија во Новаци, ние повторно ќе имаме потреба од претоварна станица а тоа се плашам дека ќе остане истата оваа депонија. Смрдеата ќе остане, граѓаните повторно ќе се гушат во чад и нема ништо да се промени. Ова не смее да остане вака – посочи Мишкоски и повторно се обрати до градоначалникот.

фото: З.А.

– Не нѐ предизвикувајте и почнете со изнаоѓање на конкретно решение за овој проблем, пред ние да започнаме да преземаме посериозни чекори. Како што знаеме сите, доаѓаат денови кога нашите иселеници ќе се вратат во својот роден град, и дали ќе биде потребно и на нив да им покажеме како ги третирате своите постојани граѓани, па ќе треба да се распространи ѓубрето и смрдеата низ повеќе локации низ градот. Дали треба и тие да се освестат за што доаѓале дотука да гласаат за вас на претстојните локални избори – нагласи Мишкоски.

Присутните граѓани беа огорчени од инертниот однос на локалната власт кон овој проблем.

– Не знам зошто никој од нашите советници не смогна сили да присуствува на овој собир и да ги слушне проблемите кои и нив ги засегаат. Дали треба да го расфрламе ѓуберто низ градските улици, па после некој да се сети дека овој проблем мора да се реши еднаш засекогаш – потсети Сашо Димитриески, еден од многуброните граѓани присутни на протестот.

З.А.