Фото: З.А

Традиционално спроти големиот верски празник Водици, кумовите од сите села во кичевско, се собраа во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ носејќи ги со себе бакарните котлиња со крстот.

По Богојавленскиот водосвет кумовите наполнија од осветената вода и се упатија во селата од каде што потекнуваат, а во текот на денот ги посетуваат домовите на селаните од нивниот крст и ги благословуваат посакувајќи им добро здравје и добар бериќет.

– Наспроти големиот верски празник Водици, сите водичарски кумови од македонските села во кичевско се собраа во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево. Рано изутринава во 3 часот кумовите присуствуваа на Утрена богослужба со часови и голем Богојавленски водосвет. По завршувањето на овој чин, кумовите добија осветена вода во котлињата, со кои потоа се вратија во селата каде што се кумови, за да им дадат благослов на своите соселани – истакна отец Александар Крстаноски.

Тој потсети и на активностите што ќе се случат ден потоа односно на првиот ден Водици.

– На 19.01, денот во црковниот храм „ Свети Петар и Павле“ започнува со Утрена Богослужба со почеток во 7 часот и Света Божествена литургија во 8 часот. Потоа присутните во црковниот храм ,свештенството и кумовите во Литија се упатуваат до градскиот базен каде во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и спуштање на крстот во водите на базенот. По спуштањето на крстот во водите на базенот, во храмот се осветува кумското лепче, а годинешниот кум во црковната трпезарија организира закуска за своите пријатели и роднини – додаде отецот.

Тој потстети дека освен во Кичево светиот крст ќе се спушта во водите на реките и во селата Другово, Белица, Цер и Прострање.

З.А