Прилеп доби нова детска градинка. Градинката „Бајка“ е сместена во урбаното јадро на населбата Точила и е современ и функционален објект, што е дел од ЈУ „Детски градинки – Наша Иднина“. Овој капитален проект, со капацитет за над 200 дечиња, е од непроценливо значење за младите семејства во Прилеп, на кој подолги години се чекаше. Со неговото пуштање во употреба, конечно ќе биде ставен крај на деценискиот проблем со листите на чекање и обезбедување топол, безбеден и стимулирачки простор за најмладите прилепчани.
– Кога како Локална самоуправа, пред четири години, дојдовме на функција, градинката постоеше само како карабина од еден спрат, недовршена и нефункционална. Со посветена работа, денес пред нас имаме целосно завршен, опремен и функционален објект, во кој вложивме 133 милиони денари – средства целосно обезбедени од општинскиот буџет. Притоа, направивме доработка и адаптација на проектот – дополнителна изградба на трафостаница, изградба на ограден ѕид за безбедност, набавка на современи реквизити за игра и развој, како и целосно опремување на просториите според највисоки стандарди за предучилишна грижа и едукација. Градинката не е само објект – таа е симбол на нашата посветеност кон децата, семејствата и иднината на Прилеп – рече градоначалникот Борче Јовчески, денес на отворањето на градинката.
Според заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кој беше присутен на стартот со работа на градинката, отворањето на детски градинки е дел од пошироката стратегија за развој на детската заштита, образованието и квалитетот на живот на граѓаните.
– Овој објект е еден од ретките по убавина и уреденост. Ние учествувавме со околу 9 милиони денари во делот на опремување на градинката. Ќе продолжиме со уредување на сите градинки во земјава и ќе се залагаме во иднина бројката на чекање на деца за згрижување да биде на минимум. Ќе продолжиме да ги решаваме сите проблеми со заштитата на децата – рече заменик министерот Велковски.
Во градинката „Бајка“ моментно се згрижени 140 деца. ЈУ Детска Градинка „Наша иднина“ има седум објекти со згрижени 1.340 деца. На листата на чекање се околу 150 деца. Набрзо планирана е иззградба на уште една градинка во населбата Рид.
Ка.М.