Фото: Ка.М.

Со водосвет и прережување на празничниот колач пред параклисот Св. Никола во центарот на градот, денеска во Прилеп се одбележа патрониот празник Св. Никола Мириклиски Чудотворец. Потоа се подели празничниот ручек, а се одржа и пригодна културно уметничка програма. Митрополитот Преспанско пелагониски и администратор австралиско новозеландски г. Петар честитајќи го празникот посочи дека големите народи се со дух, а Македонците не само што имаат дух, туку и ја почитуваат традицијата, барајќи патрониот празник Св. Никола од в година да биде прогласен за неработен ден во општината.
Обраќајќи им на се на прилепчани, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, посочи дека овој ден е симбол на љубов, заедништво и добрина, празник кој што не обединува сите, и како домаќини во нашите домови и како драги гости тука каде што заедно го споделуваме празничниот дух.

Фото: Ка.М.

-Како град, имаме привилегија и чест да ја чуваме оваа традиција веќе 18 години по ред, традиција што нè обединува и ја нагласува нашата верба и култура. Свети Никола е симбол на хуманост, добротворност и грижа за немоќните и сиромашните. Неговото дело е патоказ и инспирација како да ја градиме нашата заедница врз основа на добрината, разбирањето и солидарноста. Локалната самоуправа на Општина Прилеп годинава ја имаше честа да биде домаќин на градската слава. Со голема посветеност, се потрудивме да го одбележиме празникот достојно, во духот на нашите вредности и традиции. Веруваме дека оваа заедничка радост, оваа поврзаност меѓу институциите и граѓаните, е темелот на силен и успешен Прилеп- рече Јовчески, потенцирајќи дека традицијата е нашиот идентитет и дека Прилеп бил и ќе остане град што ја негува верата, историјата и културата.
По повод празникот утрово во црквата Св. Благовештение се одржа божествена архиерејска литургија, потоа литија во чест на Св. Николај Чудотворец, а вчера во ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на икони „Благовестие во бои“ од уметникот Златко Лечковски. Ка.М.