Со полагање цвеќе на спомен обележјето Карпалак во центарот на Прилеп, денеска беа одбележани 24 години од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак, во кој животите ги загубија десетмина прилепчани, резервисти на АРМ. Делегациии од Собранието, од Владата, од Претседателот на РМ, АРМ, Министерството за одбрана, од општина Прилеп, од Здружението Карпалак, од семејствата на загинатите, од политичките партии, од Сојузот на борци, им оддадоа почит на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, чии животи згаснаа во заседата на осми август 2001 година, при што беше нападнат конвојот на АРМ.
Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, посочи дека на овој ден Прилеп се сеќава,со болка, но и со гордост.
– Стоиме денес исправени пред споменикот на нашите 10 херои – браќа, синови, пријатели, сограѓани чии имиња засекогаш ќе одекнуваат во меморијата на овој град и на нашата држава. Тие беа луѓе како сите нас – со семејства, со соништа, со иднина пред себе. Но одлучија да застанат на браникот на татковината тогаш кога тоа беше најтешко. И таа одлука ги направи бесмртни. На 8 август 2001 година, во утро обвиено со трагедија, Прилеп остана без 10 свои синови. Кај Карпалак, беа кукавички нападнати додека ја исполнуваа својата должност – да ја чуваат слободата и мирот на Република Македонија. Тоа не беше само напад врз нив, туку напад врз иднината, врз достоинството, врз секој граѓанин кој верува во слобода и мир. Поминаа 24 години, но болката не минува. И не треба. Затоа што таа болка нè потсетува колку скапо ја плаќаме слободата. И нè обврзува – да не заборавиме, да не се откажеме, да не дозволиме злото повторно да се повтори. Нивната жртва е наш аманет. Нивната љубов кон Македонија е наша водилка. Нивната храброст е темел на иднината што ја градиме – тивко, достоинствено, со мир, разбирање и заедништво. Денес, не сме тука само да се потсетиме. Денес сме тука да ветиме – дека нема да ги заборавиме, дека ќе ги учиме нашите деца за нив, дека ќе ја чуваме оваа земја што ја сакале повеќе од својот живот. Карпалак е рана, но и завет. Завет дека Македонија ќе биде држава на правда, на мир и на достоинство. Завет дека нема да има повеќе поделби и омраза. Завет дека нашето минато ќе нè учи, а не да нè разделува – рече градоначалникот Борче Јовчески.
Во името на Владата на Р. Македонија се обрати заменик министерот за економија Марјан Ристески, кој е еден од преживеаните кај Карпалак.
– Денес се навршуваат 24 години од еден од најтажните и најтраорните денови во поновата историја на Македонија, ден кога цела земја и Прилеп беа обвиени во тага. На осми август 2001 животот го загубија нашите 10 соборци. Овој ден силно е врежан во моите мисли, кога заедно со повеќе од 100 резервисти бевне сведоци на ужасот. Загинатите се големи херои, ја дадоа својата жртва за татковината, што никој од нас не треба да заборави. Нивните имиња ќе бидат врежани во нашата меморија. И наша должност е да се сеќаваме на нив, на нивната љубов кон татковината и да ја пренесуваме на следните генерации . Вечна им слава! – рече Ристески.
Утрото во прилепските храмови се одржа панихида во чест на загинатите, а дел од преживеаните оддадоа почит и на месноста Карпалак.
Ка.М.