Фото: Ка.М.

Со пригодни манифестации, кои започнуваат од вторник, 16 декември, па се до крајот на месецот, ГБ „Борка Талески“ во Прилеп, ќе одбележи 80 години од формирањето.
По тој повод денеска во библиотеката се одржа прес конференција, на која директорката Андриана Ристеска, ја најави програмата за јубилејот и посочи дека библиотекарството во Прилеп има долга и богата традиција, почнувајќи од првото читалиште „Надежда“.
– Прилеп има богата книжевна дејност. Како институција под капата на Општината можеме да се пофалиме со значаен фонд, со исклучително вредни стручни изданија, белетристика…. Активностите започнуваат во вторник со доделување на благодарници и дипломи за најдобрите ученици и нивни ментори на традиционалните конкурси: најдобар рецитатор, најдобра лична творба и најдобар краснопис. Во среда,17 декември, ќе имаме средба со членовите на Клубот на литературни творци од Прилеп и изложба на изданија од зборникот „Поетско Маркукуле“ и на Зборникот со песни од прилепските автори. На 22 декември ќе се одржи сеќавање кон ликот и делото на патронот Борка Талески, при што ќе има и изложба на дела посветени на херојот. Завршниот настан за одбележување на јубилејот е на 26 декември напладне со изложба на ретки книги; изложба на дела од издавачката дејност на библиотеката; изложба на трајната поставка на уметнички дела од прилепските автори, збогатена со бистата на Коле Чашуле (донација од неговата сопруга Јелена Лужина) и дела од покојниот скулптор-педагог Митко Филипоски, кој својот легат го подари на библиотеката; изложба на трајна поставка со каширани фотографии со репрезентите на прилепскиот еснаф – занаетчитиите и изложба на реквизити од старите занаети – рече Ристеска. Ка.М.