Првото бебе годинава во Кичевско се роди утрово на гинеколошкиот оддел на кичевската Општа болница.
Новороденчето на свет го донесе 32-годишната мајка Менсада Белулоска од село Пласница, која претходно има родено три девојчиња, кои се на возраст од 13, 10 и 7 години.
– Дека годинава ќе биде бериќетна потврди и денешниот ден кога на гинеколошкиот оддел од општата болница во Кичево родено е првото бебе во оваа календарска година, а се работи за машко дете со рекордна тежина од 4,800 килограми и должина од 52 сантиметри. Породувањето е извршено во 6.40 часот и ова е четврто дете на мајката Менсада Белулоска, која веќе има три девојчиња. Породувањето помина спонтано со уреден тек и за ден-два мајката и новороденчето ќе го напуштат нашиот оддел – истакнаа докторите Владимир Кижески и Маја Цветаноска-Трајкоска.
Тие посочија дека условите за породување во кичевската Општа болница се подобрени, бидејќи уште во септември отстранет е дефектот на стерилизаторот, набавен е нов ЕХО-апарат и решен е проблемот со анестезиолог.
Очекуваат во оваа календарска година да се зголеми бројот на породувања на нивниот оддел, бидејќи поради корона-вирусот во претходните три години бројот на породувања во кичевската болница е драстично намален и дека нема потреба за породување да се оди во други градови и болници.
З.А.