Бројот на свадбените вселби годинава во Кичево беше речиси идентичен како и претходните години. Во текот на летово во градот и селата се направија околу 500 свадби, бројка која е присутна последните неколку години.
За бројноста на свадбните веселби потврдува и еден од менаџерите на ресторан во градот, Џевдет Далипи.
– И годинава не изостанаа големиот број свадби во нашиот регион. Но за разлика од претходните десетина години последните неколку лета свадбените веселби се прават со помал број на гости и ако претходно просечно на секоја свадба биле присутни 500-600 гости, на свадбите ова лето беа присутни од 200-300 гости. Заврши периодот кога постоеше речиси вистински натпревар кој ќе направи поголема и погламурозна свадба. Летово тоа не беше случај, а го потврдија и бројот на гостите присутни на свадбените веселби – додава Далипи.
Тој вели дека дополнителните содржини на свадбите одамна се изоставуваат.
– Исто така речиси ги нема дополнителните содржини на свадбите како борачите, тркачите, скапите пејачи од странство и други содржини, со кои организаторите претходно ги збогатуваа овие свадби. Денес сето тоа е многу поедноставно, свадбите добиваат еден вообичаен тек и очекуваме и во наредните години овие веселби да имаат сличен карактер – заклучи Далипи.
Неговите заклучоци ги потврдија и останатите сопственици на угостителски објекти, кои истакнуваат дека заврши натпреварот кој ќе направи поголема и побогата свадба.
З.А.