Фото: З.А

За Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април, на јарболот пред општинската зграда во Кичево, беше подигнато и ромското знаме. А овој ден ќе биде одбележан и со образовни работилници за ученици од основното и средно образование, како и работилници со родители на деца Роми и сето тоа во организација на Ромската младина „Бела Кула“ од Кичево.

Фото: З.А

-Традиционално за Меѓународниот ден на Ромите 8-ми април нашето знаме беше подигнато на јарболот пред општинската зграда во Кичево. По повод овој голем ден Организацијата на ромската младина „Бела Кула“ од Кичево, на тема „Образованието клуч за развој и интеграција на ромската заедница во општеството“, ќе бидат организирани работилници најпрво во основното училиште „Санде Штерјоски“ а потоа работилници ќе се реализираат за учениците Роми во средното образование во ОСУ „Мирко Милески“ и ќе бидат реализирани и работилници за родители на децата Роми – истакна Идавер Реџепоски, претседател на ОРМ „Бела Кула“ Кичево.

Од страна на градоначалникот на општина Кичево беше упатена честитка за 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите.

-Денес ја почитуваме богатата културна традиција на ромската заедница во Кичево. Како градоначалник на општината посветен сум да работиме заедно за да обезбедиме еднакви можности за сите. Ромската заедница е неразделен дел од нашиот културен мозаик и разновидноста што тие ја носат го збогатува заедничкиот живот. Да изградиме иднина во која сите наши граѓани ќе живеат со достоинство и почит – напиша во својата честитка, Фатмир Дехари.

З.А