Фото: З.А

Ветерот кој изминативе седум-осум дена е присутен во кичевскиот регион овозможи аерозагадувањето во Кичево да се намали и да биде во дозволените граници. Претходно Кичево беше или на врвот или при самиот врв според вредностите на аерозагаденост.

– Еден од факторите кој придонесе аерозагадувањето во Кичево да биде во нормални граници е ветерот кој последниве неколку дена е присутен во нашиот регион. Неговото присуство во значителна мерка помогна да се нормализираат вредностите на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички, што е од исклучителна важност за здравјето на луѓето во овој регион. Високото аерозагадување имавме во месец декември кога имаше многу малку ветер и незначителни количинини врнежи од дожд и снег. Тоа придонесе поголем број на граѓани да се жалат на отежнато дишење и да имаат проблеми, предизвикани исклучително од високите нивоа на аерозагаденост. Кичево беше во редот најзагадени градови во земјава, кога присуството на штетни честички во воздухот беше за пет и повеќе пати над дозволените граници – вели Коце Наумоски екологист, кој во повеќе наврати потенцира дека за здравјето на луѓето неопходно е амбиенталниот воздух да биде што помалку загаден, напоменувајќи го погрешното затоплување на домовите со цврсти горива како еден од факторите.

-Јавна тајна е дека се додека домовите се затоплуваат со фосилни горива и други аерозагадувачки материјали, ќе дишеме нездрав воздух. Треба да се вложат огромни напори и што побргу да се реагира, затоплувањето на домовите да се преориентира на плин, што автоматски ќе се одрази на квалитетот на воздух и подобро здравје на населението – додаде Наумоски, кој наведе примери од повеќе земји во западна Европа каде жителите ги затоплуваат домовите исклучиво на гас.
Нам ни преостанува да ги следиме нивните чекори и ние да имаме помалку загаден амбиентален воздух и подобро здравје.

З.А