Општина Битола, продолжува со заложбите за решавање на проблемот со бездомните животни. Откако неодамна беше завршена изработката на проектот согласно предвидената динамика во општинските програми, локалната самоуправа, пристапи кон подготвителните активности за следната фаза во која треба да биде изградено прифатилиштето.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска и претставници на општинскиот Совет, деновиве го посетија средното општинско училиште „Кузман Шапкарев”, каде ќе биде лоциран објектот.
На работниот состанок со директорот на Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев”, Благојче Кривевски, присуствуваше и британскиот експерт Брајан Фолкнер, претставник на РСТЦА – Кралското здружение за спречување на суровост врз животните.
– Многу се радувам за вас и за мене, од неколку причини. Како прво, пренаменуваме стара зграда за која не само само што не се направило ништо туку и се распаднала. Се работи за еден убав стар објект кој ќе биде искористен за проект кој ќе биде нешто добро за заедницата и каде студентите ке може да доаѓаат тука, да учат и да стекнуваат искуство. Децата од училиштата ќе може да доаѓаат тука од едукативни причини – изјави Брајан Фолкнер, претставник на РСТЦА – Кралското Здружение за спречување на суровост врз животните.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, локалната самоуправа на овој начин, продолжува со работа на проектот, до неговата финална реализација, со цел заштита на граѓаните, хуман третман на животните, но и заштита од финансиските реперкусии врз буџетот, кои во изминатиот период по основ на тужби од граѓани каснати од куче, изнесувале 4.000.000 денари.
– На стартот сме, на реализацијата на еден многу значаен проект, за граѓаните на Битола, за сите нас. Сакам да се заблагодарам и на директорот на земјоделското училиште, кој ни го отстапи овој простор со адекватна намена, некогашна ветеринарна станица од пред 100 години, простор кој ќе го оплемениме, на кој ќе изградиме современо прифатилиште за бездомни животни – изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
М.М.