Село Добреоец, Кичевско, најпознато е по бистрoводната река Студенчица од чии води жедта ја гасат 160.000 жители од овој дел на земјава. Токму погодностите што ги нуди оваа река придонесоа во село Добреноец да работат две воденици и повеќе валавици. Промените на начинот на живот придонесоа истите полека, но сигурно да ја загубат основната функција и покрај напорите на месното население и во овие тешки времиња валавиците и водениците да преживеат.
– Благодарение на поволната хидролошка состојба на река Студенчица во текот на целата година, жителите на Добреноец и соседното село Јаорец, изградиле повеќе воденици во близина на реката и валавици за тековни потреби. Постарите жители тврдат дека водениците на оваа река датираат пред повеќе од еден век, а нешто подоцна овој потенцијал бил искористен и за изградба на валавици, каде се валале јамболии, веленца, клашна и други производи од волна – вели Добре Никоски и посочи, како одминувале годините така обемот на работа на водениците и валавиците забрзано се намалувал за последните триесет години речиси и целосно да замре -Денес во нашето село е активна единствено селската воденица која пред 15 години претрпе целосен ремонт за потоа да им служи на поединци од селото како и на сопствениците на рибникот, кои тука мелат жито за прехрана на рибите. На крај потсети Никоски, дека единствената селска валавица речиси никој не ја користи за валање туку единствено за перење на волнени производи, количина која од година на година е сѐ помала и помала, а ќе останат единствено сеќавањата на тоа време кога во селото работеле седум воденици, а брашно се мелело за голем дел села во кичевијата – заврши Никоски, голем душегрижник за негување на традициите и селската воденица. И самиот дал полн придонес во реставрацијата на селската воденица за да може на малубројните корисници да им служи на подолг период.
З.А.