Уметникот Рубенс Корубин, основоположникот на неоромантизмот во светски рамки и фудбалерот Јове Магдески (постхумно) се добитници на наградата за животно дело на град Прилеп, по повод 3-ти Ноември – Денот на ослободувањето.
Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на Комисијата за одбележување на значајни настани, личности и празници при Советот на Општина Прилеп.
Претседателот на Комисијата Игор Николоски, воедно ги соопшти и наградите плакети Трети ноември за институции кои дале придонес во развојот на градот и дипломи Трети ноември за поединци.
Добитници на наградата Плакети 3-ти Ноември се: фирмата „Микросам“ за 35 години постоење, театарот „Војдан Чернодрински“ за 75 години од постоењето, НВО Ханд тил Ханд“ од Шведска за нивните хумани донации во здравството, Интеракт клубот „Мирче Ацев“ за хуманоста на млaдите ентузијасти и Извидничкиот одред „Феникс“ за десетгодишно постоење.
Дипломи 3-ти Ноември ќе им бидат доделени на новинарката од МТВ Елизабета Митреска за особениот придонес во новинарството, на поетот Петре Кироваков, на д-р Билјана Консулоска Гвероска – автор на научни трудови од областа на земјоделството и на Владимир Ѓорѓиески, репрезентативец на Македонија во билијард.
Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на свечена седница на Трети ноември.
Ка.М.





































