По трет пат во Кичево в недела (7 септември) ќе се одржат улични трки на 5 и 10 километри за возрасни, како и детски трки на пократки патеки. На овие трки покрај најдобрите домашни атлетичари ќе земат учество и најдобрите атлетичари од Косово, Албанија и Бугарија. На 5 километри пријавени се вкупно 234 учесници, додека на патеката од 10 километри ќе земат учество 66 тркачи. Во детската трка ќе учествуваат 307 деца од кои дел ќе трчаат на 200 метри, а нешто повозрасните ќе треба да ја истрчаат патеката од 400 метри.
Инаку патеката во Кичево е сертифицирана од страна на Атлетската федерација на Македонија во 2024 година.
– Во недела, трета година по ред, во Кичево ќе се одржат улични трки на 5 и 10 километри за возрасни и на 200 и 400 метри за деца. Организацијата на овие трки ја презеде локалниот атлетски клуб „Ускана“ од Кичево. Стартот на трката за возрасни е во 8:30 часот а децата ќе трчаат од 1:,30 часот. На трките од 5 и 10 километри ќе има вкупно 300 атлетичари, а тука секако треба да ги спомнеме нашиот маратонец и учесник на олимписките игри во Париз, Дарио Ивановски, Греса Бакрачи од Косово, учесничка на олимпијадата во Париз. Децата кои ќе земат учество на неделните трки ќе бидат поделени во две возрасни категории и тоа деца родени од 2012 до 2014 и од 2015 до 2018 година. Најдобро пласираните во машка и во женска конкуренција ќе бидат наградени за своите пласмани, а секој учесник на овие трки кој ќе ја заврши трката добива медал а за најдобрите следуваат и пехари – истакна Никола Миланоски, еден од најдобрите кичевски тркачи,голем поборник за добивање на улична трка и на Кичево.
З.А.