Утре по трет пат ќе се одржи манифестацијата „Поречки фармер“ на која ќе земат учество сите здруженија од оваа област од Порече, a ќе бидат отворени и 35 штандови со асортиман на еколошки и органски производи по потекло од овој регион. Манифестацијата ќе започне во 10 часот а се очекува на истата да присуствуваат голем број на гости и земјоделски здруженија од регионот.
– Утре на отворениот фудбалски терен во Самоков по трет пат ќе се одржи манифестацијата „Поречки фармер“. На оваа манифестација ќе бидат отворени 35 штандови а ќе земат учество сите земјоделски здруженија кои функционираат во овој регион. На штандовите ќе биде понудена органска и еколошки здрава храна од мед и секаков вид производи од пчели, млеко и млечни производи, јаболка, круши и сите видови овоштија кои виреат на овие простори, поречки костен, секаков вид на ракии, бакрдан и многу други. Во текот на денот ќе биде организирано и предавање од ИПАРД-3 програмата а уште денес за ова предавање владее голем интерес и има пријавено над 20 слушатели – истакна Цанка Гукоска претседателка на манифестацијата „Поречки фармер“.
Таа нагласи дека оваа манифестација ќе биде збогатена и со културно-уметничка програма подготвена од модераторот Миле Јованоски-Поречанец а ќе земат учество „КУД 7-ми Септември“, групата Кале од Македонски Брод и други музички групи и солисти. З.А.