Поради строгите мерки и ковид-пандемијата, оваа година во просториите на хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, на симболичен начин се одржа традиционалниот божиќен ручек кој го организира Детска амбасада за сите деца во Светот. При тоа се одржа прес-конференција на која се обратија Александра Северкоска Стојаноски – извршен директор на Детската амбасада, градоначалникот Борче Јовчески и Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Поради неможноста од физичко присуство, согласно мерките и препораките на надлежните институции, активностите беа насочени да се внесе радост во детските срца и да се предизвика таа најмила детска насмевка на малите лица.
Беа испратени пакетчиња и ланч-пакети во домовите на повеќе од 500 деца, односно 600 пакетчиња и 550 оброци, за различни целни групи, како и за членовите на Детската амбасада и партнерите.
Децата кои биле опфатени во овој 16-ти по ред божиќен ручек се од Прилеп, Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Крушево, Штип, Охрид, Струга, Струмица и од другите градови и општини ширум државава.
– Како и секоја година нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помеѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата, и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина – истакна на прес-конференцијата Александра Северкоска Стојаноски.
Градоначалникот Јовчески изјави дека е среќен што и во време на пандемија се одржува традиционална манифестација.
– Ќе продолжиме да делуваме и помагаме, со цел да им овозможиме на сите дечиња да ја почувствуваат магијата на празниците и магијата на детството. Божиќ е празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите кои ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна. Токму и целта на овој настан е сите ние да се чувствуваме еднакви и празникот да го славиме заедно. Христос се роди, навистина се роди – рече градоначалникот Јовчески.
Митрополитот Петар истакна дека се залага за подигнување на наталитетот во нашата земја, бидејќи во последните неколку години е намален.
– Јас не можам поинаку да се искажам на овој голем и спасоносен празник Божиќ освен со тага да кажам дека Божиќ не го личи без деца, и ако нешто не радува денеска, не радува овај празник посебно Божиќ при оваа пригода кога се приредува заеднички ручек за сите деца во нашата татковина – додаде владиката Петар. Ка.М.