Фото: Здружение „Тиквешки цветови“

Со поезија инспирирана од празникот на лозарите Св. Трифун и тиквешкото црвено вино, во саботата на 21 февруари, кога се одбележува и Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во организација на Здружението на поети и писатели „Тиквешки цветови“ од Кавадарци се одржа поетска средба на повеќе од 60 поети од цела Македонија.

Средбата беше завршен дел од традиционалниот награден конкурс „Тиквешко црвено вино“, што по повод чествувањето на заштитникот на лозарите Св. Трифун го организира здружението „Тиквешки цветови“, предводено од претседателката Марија Црвенковска. Годинава конкурсот за првпат се одржа на државно ниво.

На конкурсот пристигнаа 56 поетски творби од автори од повеќе градови – Битола, Куманово, Македонски Брод, Кичево, Велес, Прилеп, Неготино, Демир Хисар и, се разбира, од Кавадарци.

Жири-комисијата едногласно одлучи гран-при наградата „Пехарот на Св. Трифун“ да ѝ ја додели на поетесата Соња Карбева од Велес. Златната плакета ѝ припадна на Мери Арсова од Битола, сребрената на Ленча Витановска од Неготино, а бронзената на Магдалена Ристеска од Македонски Брод.

На средбата, покрај главните признанија, беа доделени и повеќе пропратни награди, како и пригодни подароци и тиквешко црвено вино, на поети чии творби беа високо оценети.

Поетската вечер, одржана во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, беше збогатена со одбрани музички нумери во изведба на групата „Танини“, составена од братот и сестрата Талиа и Никола Василеви. Настанот претставуваше ретка можност на едно место да се слушне поезијата на повеќе од 60 поети од цела Македонија.

Здружението „Тиквешки цветови“, со поддршка од своите членови и повеќе донатори од градот, организираше успешна манифестација која, според импресиите на учесниците, може да биде пример за организирање поетски средби на национално ниво. М.М.