Во три од постоечките девет градинки во рамките на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ во Битола почнaa со работа дополнителни занимални, кои на почеток ќе згрижуваат 75 нови деца.
Во присуство на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на Советот, Валентин Груевски, советници и гости, беа претставени новите опремени три училници, за кои најголемиот дел од средствата ги издвои Општина Битола.
Во градинката „Колибри“ во населбата Стрелиште, во градинката „Вангел Мајоро“ во населбата Карпош и во градинката „Росица“ во населбата Буковски Ливади, опремена е по една занимална, секоја наменета за нови 25 деца, но со одлука на Совет, бројката ќе достигне и 90, затоа што училниците се опремени за таа бројка.
– Од општинскиот буџет беа издвоени околу 820.000 денари за опремување на трите
нови занимални со целокупен инвентар од масички, креветчиња, столчиња, шкафчиња, теписи и постелнина. Надминат е проблемот и со воспитно-образовниот кадар, со што го заокружуваме овој процес за сите три занимални да бидат ставени во функција и нови 75 дечиња да бидат згрижени во градинките на установата „Естреја Овадија Мара“.
Со ова покажуваме дека она што го ветивме во бројот на намалување на незгрижени дечиња, проблем кој постои години наназад, го реализираме и тоа ќе биде наша тенденција и во наредниот период. Имаме целосно зацртана траса и се движиме по правиот пат, затоа што моментно се изготвува проектна документација за новата градинка во АРМ, но и просториите кои што ќе ги добиеме во досегашниот Дом за доенчиња – рече градоначалничката Петровска.
Градоначалничката Петровска истакна дека во градинките во Битола, по очајно наследената состојба, постојано се инвестира. Се реновираат тоалетите, покривните конструкции и сите запоставени делови во објектите. Сепак, потенцираше Петровска, има уште многу да се работи во објектите кои биле оставени на забот на времето и е жално што претходно воопшто не се водело грижа за градинките, во кои децата поминуваат голем дел од времето во текот на денот.
Со отворањето на трите нови занимални, како и со отворањето на новата детска градинка во населеното место „Кравари“, намалена е листата на чекање за 115 деца, односно наскоро, по одлуката на Совет, за 140 деца.
М.М.