фото: Ка.М.

Општина Прилеп, како и сите инволвирани институции, ги прават последните активности за успешна организација на претстојниот карневал „Прочка 2026“ со што ќе се одбележат 100 години од Прилепските мечкари и 25 години од постоењето на карневалот. По тој повод денеска во општина Прилеп се одржа прес-конференција на која беше најавен карневалот и активностите што ќе се случуваат од 20 до 23 февруари.
– Наша заедничка заложба е оваа значајна манифестација, која во изминатите години постигна голем успех во поглед на промоција на градот Прилеп во пошироки рамки, да се позиционира на заслуженото место. Активностите ќе започнат на 20 февруари со отворање на изложба на маски/сурати, изработени од учениците во основните и средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и оделенска настава, кои се партнери во целокупната организација, во ЦК „Марко Цепенков“. Во сите училишта подготовките се во тек и со голем ентузијазам учесниците се подготвуваат да ја покажат својата креативност пред публиката – рече Снежана Ристеска, советник за култура во општина Прилеп.

На 21 февруари, в сабота, се враќа детскиот карневал, односно дефилето за учесници до 14 години. Ќе настапат основните училишта од градот и околината, а настанот ќе биде збогатен со забава и музика. Централен настан е дефилето на маски в недела, 22 февруари, на кое ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а годинава има и гости од соседните држави со нивни групи и претставници на ФЕК. Покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овај празник. Почетокот на дефилето е во 13 часот.

фото: Ка.М.

Општина Прилеп има донесено одлука за продолжување на работното време на сите кафулиња и ресторани, така што забавата во вечерните часови ќе може да потрае, на задоволство на младите генерации. Сите кафетерии, ресторани, пицерии имаат своја предвидена програма, со настапи на диџеи и бендови во живо, како за денска така и за вечерна забава. Карневалските случувања ќе завршат вопонеделник со традиционален заеднички ручек на здружението „Прилепски мечкари“ во манастирот „Св. Ѓоргија“.
Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, упати покана за присуство на карневалот Прочка, потенцирајќи дека е бренд на Прилеп и со него градот е сцена на радост, боја и енергија.

Ка.М.