Дописникот на МРТ од Битола, Стевче Митревски е добитник на наградата за новинарство „Тоде Петрески“ за 2022 година, која Битолски весник ја доделува веќе 18 години.
Вака одлучи редакцијата на Битолски весник по прегледувањето на пристигнатите кандидатури.
Стевче Митревски во МРТ работи околу 40 години. Карактеристично за него е тоа дека тој во МРТ почнал да работи како снимател, а 17 години е дописник од градот под Пелистер.
Митревски е исклучително посветен на професијата, трудољубив и голем професионалец, кој новинарството го работи со огромна љубов и посветеност.
Покрај секојдневните бројни прилози, вести и животни приказни, кои ги објавува од Битола, негови позначајни остварувања се сторијата за бабите од Бабино, репортажата за единственто дете од Железнец.
Наградата „Тоде Петрески“ на Стевче Митревски, во присуство на членовите на семејството Петрески и колегите новинари, ќе му биде врачена понеделник на 30 мај.

Инаку Тоде Петрески ненадејно почина на 30 мај 2004 година. Тој долги години беше дописник на Радио Скопје од Битола. Како новинар неколку години беше уредник на Дојче Веле во Келн, Германија и на белградскиот дневен весник „Политика“.Петрески беше соработник и на Битолски весник.
М.М.