Фото: Зоран Антоски

По зимскиот престој во Повардарието и Пелагонија, стадата овци кои традиционално летото го поминуваат на планините во Западна Македонија и годинава се вратија на пасиштата на Бистра, Стогово и Шара. Овој пат е најтешкиот дел, како за самите овци така и за овчарите, бидејќи се изложени на големи опасности од попатно губење на повеќе грла овци, до нивно повредување  или газење од невнимателни возачи.

– Патот до сочните пасишта на Бистра, Шара и Согово трае десетина дена а во тој период овците ноќеваат на повеќе локации под ведро небо, изложени на сите временски непогоди и опасности од напад на волци. Неизбежна придружба на стадата овци се и кучињата шарпланинци, кои верно ги следат и не дозволуваат овците да се одвојат од стадото. Во придружбата на стадата овци се и коњите, натоварени со храна за овчарите и кучињата, со шаторски крила, алишта  за пресоблекување на овчарите и други неопходни помагала – рече Мефаил Ајрадини сопственик на стадо овци.

Овчарите попатно поминуваат вистинска голгота додека со стадата овци не пристигнат на дадената одредница.

– Покрај останатите проблеми со кои се соочуваме при секојдневната работа, најтешка фаза од нашиот секојдневен живот претставува и преселбата на стадата од потоплите краишта до бачилата на Бистра и Стогово. Не знаеме што за нас е поризично, дали движењето по планинските падини, каде често се повредуваат овците или патиштата по кои мораме да бидеме крајно претпазливи од многуте патнички возила. Ниту во текот на ноќта не можеме да бидеме спокојни, бидејќи ноќеваме под ведро небо и се молиме на бога да не ни заврне и загрми, што уште повеќе ќе ни ја влоши состојбата. При овие патувања се соочуваме и со губиток на овци, кои, дали се губат во планините или се повредуваат и пролизгуваат по стрмните падини каде се движиме што и не се во можност да го издржат тешкиот пат – вели Ајрадини.

Поедини сопственици користат современ метод за транспорт на овците и за превоз, како што се камионите или железничките вагони. З.А.