Фото: Горан Анастасовски

Како мечките да си останат во својот природен дом

Прошетка на мечка низ дворовите и по улиците на планинските села деновиве повторно стана вообичаена појава. Мечките, примамени од храната што се остава низ дворовите, сѐ почесто се спуштаат во селата, знаат да направат неред барајќи храна во контејнерите или кантите што им се на дофат, а истовремено да предизвикаат вистински страв и ризик кај месното население. Појавата не е пријатна ниту за мечките ниту за жителите на селата.
Екологистите и лицата што се грижат за благосостојбата на мечките и другата фауна на дивината сметаат дека решението сепак лежи единствено во човекот и со корекција на неговите навики и постапки, мечките може да си се вратат онаму каде што припаѓаат. И, секако, доколку имаат доволно храна не би се спуштале во подгорските предели.
Едно такво здружение што се грижи за мечките е „Шари беар“. Тоа е здружение за заштита на дивите животни што се заштитени со закон, а се залага особено за мечките. Нивна задача е да обезбедат дохрана за мечките, оставајќи им ја на места каде што забележале дека поминуваат благодарение на поставените камери во дивината. Како волонтерска иницијатива, со самофинансирање, тие изградиле природни засолништа за мечките на Шара, обезбедувајќи им пред сѐ храна. Во оваа иницијатива се вклучени сите жители од селото Доброште, село во општината Теарце, во околината на градот Тетово. Тие имаат поставено неколку камери од каде што ги следат движењата на мечките и на другите шумски животни, а на три места имаат направено хранилишта, над селото Доброште. Им носат храна од февруари до октомври, со цел да им овозможат полесен пристап до храна и да го задржат во дивината и природата нивниот дом.

„Шари беар“ е позитивен пример како може да се реши или да се намали спуштањето на мечките во селата. Исто така тие се отворени за сите што сакаат да помогнат, кои можат да донираат храна или средства. Забележителен е фактот дека мечката нема доволно храна во природата и предводена од инстинктот за преживување без да наштети влегува во зона што предизвикува опасност и ризик за човекот.
Со Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, кој е раководител на програма за диви животни, пред еден месец разговараме за таквата појава и за нејзините потенцијални решенија. Според него, постојат барем три работи што ги предизвикуваат дивите животни, особено мечките, да се спуштат во населените места или во местата каде што се движи човекот. Првата работа е што сè повеќе се узурпира просторот на дивите животни, кој им е природно живеалиште и нормално е дека ќе се движат во него.

– Колку што повеќе им заземаме од просторот, толку почесто ќе ни се приближуваат. Инаку, од 1996 година, кога мечката се заштити со закон, бележиме пораст на популацијата мечки. Бројот е зголемен, па нормално е и почесто да се забележуваат. И третата најважна работа е фрлањето органски отпад во контејнерите во планинските населени места, како што е случајот со Галичник. Тие, привлечени од храната во контејнерите, се спуштаат и доаѓаат до контакт со луѓе – вели Диме Меловски.
Според него, најлесно можеме да се справиме со овој проблем со нефрлање органски отпад во контејнерите. Така нема да ги стимулираме мечките и другите животни да се спуштаат во населените места и да чепкаат во контејнерите за да бараат храна.
Сепак она што најмногу им треба периодов на мечките е дохрана за да можат да преживеат и да не навлегуваат во сигурната зона на човекот.

С.Ј.