Покрај сите зголемувања на цени кои секојдневно ги шокираат граѓаните, за нови тарифи на своите услуги се определија и цепачите и сечачите на дрва во Кичево.
Како оправдување за зголемените цени тие го посочуваат тоа што сите цени отишле нагоре па и тие биле приморани да го направат истото и без поголема заработка да продолжат со оваа работа.
– Новите цени на нашите услуги се должат пред се на повисоките цени на сите стоки и услуги. Од тие причини и ние сме приморани да ја покачиме тарифата и за кубик дрва летово да наплаќаме по 300 денари за цепење и исто толку за редење, ако тоа се бара од нас. Цепењето дрва не е лесна работа и сметаме дека и цените мора да бидат повисоки. Цепач на дрва е сезонска работа и работа која не можете да ја работите во постари години и затоа и нашите услуги мора да бидат повисоки – вели Живко, еден од се малубројните цепачи на дрва во Кичево.
Сечачите на дрва имаат причини зошто ја зголемија цената на своите услуги.
– Цените за сечење на дрва мора да бидат повисоки , бидејќи горивата постојано одат нагоре . И ако останеме со истите цени, тогаш постојано ќе бележиме загуби. Друг проблем е што нашите машини се стари и дотраени. Овој проблем уште повеќе ја поскапува нашата работа и ако не ги подигнеме тарифите, тогаш ќе мораме да престанеме со работа и да ја загрозиме нашата егзистенција – вели Војче, еден од најпознатите сечачи во Кичево.
Цехот секогаш го плаѓаат сиромашните граѓани на Кичево.
– Ние сме приморани по секоја цена да ги ангажираме сечачите и цепачите на дрва. Ако треба ќе скратиме дел од другите давачки, за да ги покриеме овие трошоци. Се знае секое покачување за нас е нов проблем, бидејќи пензиите се мали, а ние стари за оваа тешка физичка работа, сами да ја сработиме – вели Горан А., кој со малата пензија и поодминатите години приморан е да прифати секоја цена што ја бараат сечачите и цепачите.
З.А