Фото: З.А

Деновиве во дворот на Правниот факултет Кичево се одвива интензивна акција во која се сечат стеблата засадени во непосредна близина на зградата на факултетот пред повеќе од пет децениии. Близината на дрвата придонесува за забрзано оштетување на фасадата и зголемена влагата во зградата на факултетот. Дел од дрвјата се отстрануваат поради болест или сушење.

Пред извршување на оваа операција спроведена е темелна студија со која е потврдено дека штетите на објектот можат да бидат несогледливи ако не се пресечат овие стебла час поскоро.

– Во консултација со стручни лица од оваа област презедовме акција за сечење на стеблата кои пред повеќе од пет децении биле засадени во непосредна близина на зградата на факултетот, поранешен Дом на ЈНА и потоа Дом на АРМ. Како последица од ова опкружување беше влагата која континуирано го нагризуваше објектот, додека во одредени делови беше оштетена и фасадата како и дограмата. Исто така беше намалена и видливоста, поточно дневната светлина тешко продираше во кабинетите и амфитеатарот на факултетот и затоа редовно преку ден наставата се одвиваше со запалени светла – истакна деканот на Правниот факлутет Кичево, Светлана Вељаноска, која најави засадување на нови стебла на поголемо растојание од факултетската зграда, како замена за пресечените дрва.

– Сите стебла што беа пресечени во текот на оваа акција ќе бидат заменети со нови кои ќе ги засадиме на прописна оддалеченост од зградата, за да не се соочиме со последици какви што моментално имаме. По завршувањето на оваа акција ќе извршиме санација на фасадата на зградата, со што ќе го промениме нејзиниот изглед а ќе ја спасиме и од натамошно пропаѓање – додаде Вељаноска.

З.А