Фото: З.А

По пауза од една година екипи на „ЈКП Комуналец“ Кичево повторно започнаа со чистење на речното корито на реката Сушица, кое поради подолгата пауза беше обраснато со висока трева, а на повеќе места имаше насобрано и поголеми количества на пластични шишиња кои во корито на реката ги фрлаат неодговорните жители на Кичево.

– За да го зголемиме капацитетот на речното корито, минатиот викенд започнавме со негово чистење. Речното корито во голем дел беше обраснато со висока трева и со овој зафат таа ќе биде целосно отстранета. Чистењето на коритото се врши со машина и со асистенција на вработените. За неколку дена тоа ќе биде целосно исчистено од обраснатата трева, а ќе биде отстранет и пластичниот отпад кој се насобра под каскадите. Со овој зафат го зголемивме капацитетот на речното корито и во случај на поинтензивни врнежи од дожд или топење на снегот на планините, ќе биде оневозможено излевање на водата од коритото, а исто така со овој зафат реката доби и нова естетска димензија – истакна директорот на „ЈКП Комуналец“, Зендел Јонузи.

З.А