Денеска во општина Прилеп се организираше координативен состанок на кој стана збор за откупот на тутунот. На состанокот, чиј домаќин беше градоначалникот Борче Јовчески, присуствуваа и градоначалниците на општините Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар и Долнени и пратениците од Прилеп и Битола.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, изјави дека откупот на тутунот не оди според планот, дека откупната цена е ниска, а има проблем со увозот на тутун од страна.
– Пред неколку денови остварив средба со здруженијата на тутунопроизводители, по што се обративме со допис до Државниот земјоделски инспекторат, за да ангажираат што повеќе инспектори на откупните пунктови со што би се одбегнала можната манипулација. На оваа средба се присутни и пратениците од регионов, со кои што изготвуваме заедно предлог измени на Законот за тутун кој ќе биде доставен до Собранието и ќе биде во прилог на тутунарите, со тоа што ќе се забрани увозот на тутун од се додека не се откупи и последниот килограм од тутунопроизводителите кои што голем дел егзистираат од произвидство на тутун – истакна градоначалникот Борче Јовчески.
Пратеникот Петар Ристески од ВМРО ДПМНЕ изјави дека пратениците од ИЗ 4 ќе иницираат до Собранието промена на законот за тутун.
– Законот во 2019 година е изменет од СДСМ и ДУИ и прави проблем, пред се во делот на увозот на тутун. Затоа ќе бараме забрана на увоз на тутун, вклучување на договори со сите коминтенти кои поднеле жалби, да нема реваншизам кон тутунопроизводителите и да се зголеми контролата врз откупувачите од страна на државата, бидејќи во овој момент голема е контролата од страна на откупувачите и се врши очигледен грабеж на тутунопроизводителите, кои годинава имаат квалитетен тутун, а цените се ниски. Ако лани оправдувањето на откупувачите беше дека има вишок на килограми на тутун, дека е со низок квалитет, годинава имаме спротивна состојба. Има помало производство, склучен е договор на 22 милиони кг, а досега се произведени 19 до 20 милиони кг и во една ваква ситуација каде имаме недостаток на тутун, кога имаме производ со одличен квалитет цената повторно е многу ниска. Оттука упатуваме апел, ние пратениците и градоначалниците од овој регион до Државниот земјоделски инспекторат за подобрување на состојбата. Во време на Владата на ВМРО- ДПМНЕ се исплаќаа 150/ 160 милиони евра во субвенции. Ова не било случајно во тоа време да се исплаќаат 150/ 160 милиони евра во субвенции, туку се следеле европскиот просек од ЕУ за вложување во субвенции во земјоделството. Сега имаме намалени субвенции, а буџетот е рапидно зголемен. Како пратеници даваме несебична поддршка бидејќи станува збор за 30 илјади семејства, тоа се повеќе од 100 илјади граѓани кои директно егзистираат од тутунопроизводството – рече пратеникот Петар Ристески, кој посочи дека има информации дека се дозволува нелегалелен влез на тутун од Албанија и Бугарија, по евтина цена од 60 до 90 денари и плус тој тутун се продава овде во Македонија и за него се земаат субвенции од државата што претставувало класичен шверц.
Ка.М.