Предноста што ја стекна уште во првите два дена екипата на риболовниот клуб „Елит Карп Тим“ од Штип ја потврди и на крајот од тридневниот риболовен маратон од третото коло од Крапска лига што се одржа на Осломејско езеро. Екипата на „Костреш“ од Богданци во последниот риболовен ден успеа да ја надмине екипата на „Мак Дам“ од Куманово и да заврши на второто место, додека риболовците од Куманово на крајот се пласираа на третата позиција.

– Со рекорден улов од 204,09 килограми риболовците на „Елит Карп Тим“ од Штип, убедливо го освоија првото место на третиот натпревар од Крапската лига што се одржа на Осломејско езеро.Тие во трите дена успеаја да уловат 80 примероци на крап со вкупна тежина од 204,09 килограми. Во последниот натпреварувачки ден екипата на „Костреш“ од Богданци успеа да се пласира на второто место со уловени 65 примероци на крап со вкупна тежина од 148,73 килограми, додека како трета заврши екипата на „Мак Дам“ од Куманово со уловени 58 примероци на крап со вкупна тежина од 139,42 килограми – истакна претседателот на риболовното друштво „Хантер Фиш“, домаќин на овој риболовен натпревар, Бесмир Елези.

Тој потстети дека екипата на „Хантер Фиш“ од Кичево, покрај што беше успешен организатор на натпреварот се пласира на средината на табелата, поточно на седмото место, со вкупен улов од 28 примероци на крап со тежина од 66,345 килограми.

– Можеме да бидеме повеќе од задоволни од организацијата што беше потврдено и од страна на сите учесници на овој риболовен натпревар, на кој риболовците од 15-те екипи имаа вкупен улов од 1035,9 килограми со уловени 429 примероци крапска риба,од кои најголемиот примерок го улови риболовец од екипата на „Костреш“ Богданци со тежина од 9,48 килограми. Иако натпреварот помина во фер-плеј борба, сепак жолт картон добија екипите на „Бабуна-1“ Велес и „Урбан Карп“ од Охрид, поради мртва риба во нивната чуварка-нагласи претседателот Елези и најави дека во септември ќе се одржи трет крапски риболовен натпревар во рамките на Боила купот.

З.А