фото: „Охрид трчат“

Рекордни 2.400 тркачи од 28 земји учествуваат на 9-то издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ што од 30 мај до 1 јуни се одржува во Охрид. Оваа година рекорден е и бројот на странски учесници во трките, што само го потврдува реномето на манифестацијата која веќе девет години гради позитивен имиџ за градот Охрид. Ова, меѓу другото, беше истакнато на прес-конференцијата што се одржа денеска.

– Овој викенд ќе биде полн со енергија, со живот, со насмевки и со луѓе кои ќе ја почувствуваат магијата на градот, не само како туристи, туку и како активни учесници во едно спортско и општествено случување кое обединува. „Охрид трчаТ“ има длабока вредност за локалната заедница, не само заради тоа што го промовира здравиот начин на живот, туку и затоа што дирекно влијае врз локалната економија, преку исполнети сместувачки капацитети, посетени ресторани, локални бизниси… – потенцираше Јоне Станкоски од АК „Охрид Трчат“.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков истакна дека го радува тоа што половина од бројката на тркачи се од други градови од Македонија или од странство.

– Сметам дека овој тренд во иднина ќе продолжи. Очекувам нови, позитивни моменти на наредното 10 јубилејно издание, пред се заради иновативноста на екипата која го води „Охрид трчаТ“. Лично секогаш ќе стојам како градоначалник во поддршка на вакви настани, посебно во спортот и сметам дека во иднина имаме доста што да кажеме како град во заедничка организација со АК „Охрид трчаТ“. На сите кои ќе учествуваат на разните дисциплини утре им посакувам да имаат добра трка, убаво време и секако да уживаат во Охрид – рече Пецаков на кој му беше врачен стартниот број со кој ќе земе учество во рекреативната трка на пет километри.

Годинава на „Охрид трчаТ“ од пријавените 2.400 спортисти, 510 се полумаратонци од кои 50 отсто се странци, а има и 70 шатфети, потенцираше Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“.

– Оваа година „Охрид трчаТ“ е добитник на сертификат за улични трки, што е показател за максимално вложениот труд и во делот на безбедноста согласно сообраќајниот проект и насоките на СВР Охрид со цел тркачите да се чувствуваат безбедно. Олимпиецот Дарио Иваноски е повторно со нас, имаме интересни тркачи, кои се одушевени од тоа што гледаат во Охрид. Годинава имаме богата програма, вчера почнавме со ноќната трка и експото, денес имаме и панел дискусија на која ќе говориме за општествената одговорност, како и Имлек Протеин Warm Up – истакна Цветкоски.

В недела ќе има и привремен режим на сообраќај во периодот од 8 до 11 часот. Илија Милески, началник на Одделението за полиција при СВР Охрид, дополни дека е изготвен оперативен план со мерки и активности со цел да овозможи безбедно учество на сите натпреварувачи, како и на граѓаните кои ќе ја следат манифестацијата и на учесниците во сообраќајот.

– Од наша страна преземени се сите мерки, а преку медиумите информирани се граѓаните за времениот режим на сообраќај за кој претходно беше изготвен проект кој е одобрен и може да се спроведе – рече Милески.

Стартот на трките на 21К и 5К утре е со почеток во 8:15 и 9 часот.