По нерешавањето на проблемот со дивата градска депонија, граѓаните на Кичево како што претходно најавија, пред влезот на општинската зграда истураа комунален отпад како реципрочна мерка, за да видат општинарите како тие тоа го прават пред нивните домови и неконтролирано истураат секаков вид отпад, кој потоа смрди и создава неподнослива реа во близина на нивните живеалишта.



-Како што ветивме така денес ги реализираме нашите најави а се однесува на неисполнувањето на нашите барања од страна на ЈП „Комуналец“ и општина Кичево, за решавање на проблемот со дивата градска депонија. Како што нам ни смрди ѓубрето во наша непосредна близина, така денес ние истуривме поголеми количества комунален отпад, за да им укажеме на општинарите што треба да прават за да се реши овој долгогодишниот наш проблем – истакна Бојан Мишкоски, од организацискиот одбор на протестите во Кичево.
Тој најави дека наскоро протестантите ќе се организираат во групи од по минимум 21 лице, за да ги оневозможат комуналните возила да влегуваат во дивата депонија и да го одлагаат комуналниот отпад. Затоа тој апелира до граѓаните во што поголем број да се пријават за оваа блокада, за да спречат понатамошно одлагање на комуналниот отпад.
З.А.