Фото: З.А.

Годинава собирачите и откупувачите на печурки во кичево-бродскиот регион можат да бидат делумно задоволни од заработката што ја реализираа од јунската реколта. Периодот во кој печурката во нешто поголеми количини ја имаше во шумата беше краток и затоа собраните и откупени количества беа во рамките на просечното. Тоа го потврдија и поголем број печуркари и откупувачи на шумски плодови.

-За разлика од лани родот на печурката во кичевскиот регион годинава беше нешто поголем но е далеку од количествата кои ги собиравме и откупувавме пред 5 и 10 години. Печурката беше најмногу застапена во северната регија од општината, додека во јужниот дел речиси и да ја немаше. Откупната цена за килограм свеж вргањ од прва класа се движеше од 2,5 до 3 евра, додека печурката од втора класа се откупуваше по цена од 1,5 евра. Иако кај извозниците владееше голем интерес за откуп на сува печурка, сепак во досегашниот период собирачите на печурки се трпеливи и очекуваа да се зголеми откупната цена за да можат и тие нешто повеќе да заработат – вели Горан Лазарески, откупувач и собирач на печурки од Кичево.

Жителите во Поречијата се делумно задоволни од собраната печурка но се по малку разочарани што откупната цена брзо се намалува.

-Печурката во нашиот регион ја имаше повеќе од лани и во изминатите десетина дена успеавме да собереме педесетина килограми свеж вргањ, чија откупна цена се движи од 120 до 150 денари во зависност на класата на печурката.Откупната цена не е стимулативна бидејќи сите останати цени во изминатиот период се покачени а цената на печурката остана на исто ниво. Иако немавме лични контакти со откупувачите и извозниците, сепак неофицијално дознавме дека извозниците се заинтересирани сувата печурка да ја откупуваат по 1800 денари за килограм-вели Митко Никодиноски жителн на село Рамне.

З.А.