Прилепската болница „Борка Талески“ доби донација од современ ултрасонографски апарат за прегледи на доенчиња од НВО „Hand Till Had,, од Шведска, со што ќе се врши скрининг метода за рано откривање на развојно пореметување на доенички колкови уште во првите месеци од животот на децата, почнувајќи од втор месец, по што следат контроли на четири, шест, девет и 12 месеци на детето.
– Овој метод во нашата болница е воведен во 1989 година од примариус д-р Трајче Бошкоски, по шест години од воведувањето во европската пракса во Австрија. Први во Македонија. Досега на ортопедското одделение работевме со апарат од 1993 година, кој се уште е во функција, односно со стартот на кабиентот за детска оропедија со ехо кабиент за детски колкови. Вкупно 32 години работевне со овој стар апарат. Новиот е пософистициран и го добивне благодарение на донаторите, поточно на Марија Росенгрен – рече на денешната прес конференција Кире Јоноски, директор на прилепската болница.

Новиот апарат ќе ја олесни работата во рано откривање на развојното пореметување на доенички колкови. Во последните три години , од август 2022 до денес реализирани се вкупно 3525 прегледи на колкови кај доенчиња, односно по 100 прегледи месечно.
– Апаратот е добредојден. Како метод на работа, е долгогодишна традиција во оддделението. 32 години го користиме апаратот и бевне пионери во земјава. Раното окривање на развојните пореметувања е значајно. Безбеден метод е, нештетен, многу важен. На новите генерации ортопеди ќе им го пренесеме искуството. Овој метод е заживеан во Австрија, Германија, Швајцарија. Сепак имаме здрава детска популација, но по некои статистики има шест промили пореметувања – вели Василе Василески, специјалист ортопед.
Во име на донаторот, говореше Марија Росенгрен, претседател на НВО „Nad till Hand“, која посочи дека досега имаат донирано 600 илјади евра, освен во болницата, и во старскиот дом.
-Запознати сме со проблемите во здравството и затоа донираме. Идејата и љубовта да помогнеме на Прилеп беше голема. Благодарност до директорот што ја привати донацијата и што имаше готови проекти, што му треба, за да се реализира донацијата. Вредноста на апаратот е 15.800 евра, со две години гаранција. Секоја година апаратот може да се доградува. Полесно ќе се утврдува дијагнозата кај децата – рече Марија, која посочи дека има прилепско потекло, но дека донираат и во други градови во Македонија, од 2013 година.
Инаку, на ортопедското одделение има двајца доктори специјалисти, има пет специјализанти, двајца треба да завршат за неколку месеци, така што бројот на лекари ќе се зголемува.
Во прилепската болница наскоро треба да се и вработат нови лекари, медицински сестри.
– Сите 124 лица со договор ќе бидат вработени, од кои 21 доктор и 49 медицински сестри и друг медицински кадар. Заедно со претходните специјализанти и доктори годинава ќе се вработат 30 доктори, што не е мала бројка – вели директорот Кире Јоноски, истакнувајќи дека сега се гради иднина, за успешна болница.
Ка.М.