Најголемиот дел од граѓаните на Кичево за Први мај традиционално го реализираат празничниот пикник, а изборот паѓа на манастирите, родните села, крајречието на Треска и Охрид. Оваа традиција не изостана и годинава, а убавото време беше вистински сојузник на сите граѓани кои се потрудија во раззеленетата природа и чистиот воздух да поминат неколку часа.
– Дали има нешто поубаво за Први мај да се отиде во родното село на чист воздух и во недопрена природа, каде ја подготвуваме традиционалната првомајска трпеза и сѐ она што вообичаено го имаме на трпезата за овој празник. Видливо е како речиси сите дворови во селото се полни со луѓе, а од голем дел од нив мириса на тазе печено месо подготвено на скара – вели Трајко Велески, жител на село во Беличка Река.
Во изминатите децении и Китиното кале беше привлечно за младите од градот и голем број локални жители го посетуваа ова место лоцирано во центарот на градот.
– Отсекогаш прва опција за овој празник ни е Китиното кале, бидејќни е лоцирано во самиот град и треба да потрошите само десетина минути за да се искачите до неговиот врв. Не е потребно да запалите автомобил и да патувате подолг период. Годинава сме сведоци како на калето немаше премногу локални жители, а зошто е тоа така потврдува и фактот што на калето не работи угостителски објект како порано, а неговите посетители не можат да се освежат во топлото мајско време – вели Драган Тренески, пензионер од Кичево.
Во текот на денешниот ден поради празникот и убавото време, во Кичево улиците се празни, а живоста во сообраќајот речиси ја нема. Единствено солиден број гости имаа кафулињата во центарот на градот кои одлучиле да останат дома.
З.А.