Во организација на Здружението Центар за развој и едукација Прилеп, денеска во Прилеп се одржува конференцијата „Здравствени и социјални услуги во заедницата” на која претставници од Македонија, Австрија, Албанија, Хрватска и Србија, односно градоначалници на Прилеп, на Швахенштадт и Хернбаумгартен, Република Австрија, на Брезнички Хум, Хрватска, претставници на даватели на социјални и здравствени услуги од Република Албанија, претставници на јавни установи за социјална заштита, даватели на социјални услуги, дебатираат и истражуваат за практични решенија за идентификување можности како може да се мобилизира социјалното и здравственото управување, за да се изградат заедници, каде секој ќе има пристап до соодветна социјална и здравствена грижа. Целта, велат организаторите, е професионалците, давателите на услуги и креаторите на политики да споделат сознанија и достигнувања во домашната нега и здравствените услуги.
– Социјалните и здравствените услуги во заедницата се многу важни и потребно е да се изнајдат решенија за подобрување на пристапот на социјална заштита и да биде подостапна за граѓаните. Во ЕУ има модели кои тука можат да се применат. На пример пилот проектот што го спроведуваме во прилепскиот регион – медицинска сестра во заедницата дава одлични резултати и нуди бесплатен физиотерапевт, психолог и социјален работник во домот. Сите услуги се интегрирани и се дава соодветна грижа на лицата во социјален ризик. Сметам дека социјалните услуги треба да бидат подостапни и да се децентрализираат, општините повеќе да нудат помош за социјално загрозените семејства, поединци. Македонија е на почеток во овој дел, но ако имаме поддршка ќе има напредок, и да се вброиме во листа на држави кои се грижат за своите граѓани. Неопходно е соработка меѓу институциите вклучени во креирање политики на социјални услуги и финансиска помош – вели Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација.
Претставникот од Австрија Штефан Вибермозер, смета дека размената на искуства е многу значајна за пренесување на идеите за социјална грижа за граѓаните.
– Потребно е да се забележат потребите на граѓаните и да се имплементираат иксуствата од другите земји во овој дел. Грижата за семејства во ризик, социјални семејства, стари лица, лица со попречености да биде на високо ниво. Имаме различни системи , но искуствата секогаш се добредојдени – смета австрискиот претставник.
Во прилепско со пилот проектот се споија социјалните и здравствените услуги, и имаме добри резултати вели Зоран Малкоски, директор на МОЦСР Прилеп.
– Лидери сме во државата во поглед на пружање социјална заштита. Одлични се искуствата. Министерството има сенс за нови услуги во локалните средини. Ќе има и нови планови и програми и за брзо време ќе понудиме комплет социјални и здравствени услуги на сите оние на кои им е потребна – посочи Малкоски, на денешната конференција во Прилеп.
Ка.М.