Фото: МИА

Потпорниот ѕид и оградата на Клиничка болница-Штип кои минатата недела се урнаа и паднаа врз два паркирани автомобили ќе се санираат, најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Во моментов фирма прави пресметка колку би чинела санацијата, но, Јорданов вели дека ова е и можност за проширувањето на улицата која води до главниот влез и излез на Клиничка болница-Штип.

– Повеќе од 300 метри е должината на оваа собраќајница, која е зависна од овој потпорен ѕид. Така што повеќе од 300 метри долж ѕидот ќе дојде до проширување и изградба на нов потпорен ѕид кој верувам дека ќе овозможи побрз пристап и до Клиничката болница и домовите, а ќе обезбеди и повеќе паркинг места – вели Јорданов.

Тој додава дека потпорниот ѕид на болницата е граден во педесетите години на минатиот век и со текот на години почнува да станува небезбеден за сите учесници во сообраќајот, кои поминуваат покрај него. Минатата недела по врнежите од дожд се појави свлечиште, кое го урна камениот ѕид и оградата. Материјална штета имаше на две возила,чии сопственици тој ден имале прегледи и обврски во штипската болница.