Улиците „Ужичка Република“ и „Борис Кидрич“ во Кичево добија хоризонтална сигнализација, пешачки премини и испрекинати линии по целата должина, а во текот на неделава поставена е и вертикална сигнализација, откако нивната изградба беше целосно завршена кон крајот на минатата година, со што учесниците во сообраќајот, како и пешаците, ќе можат побезбедно да го преминуваат коловозот.
– Последната фаза од комплетирањето на улиците „Ужичка Република“ и „Борис Кидрич“ е поставување на вертикална сигнализација, чие поставување деновиве е во полн ек. На овие улици и кружните текови, каде што тоа е според сообраќајните прописи и правила, поставени се нови сообраќајни знаци, со што се обезбедени услови за многу побезбедно одвивање на сообраќајот по овие високо фреквентни сообраќајници, по кои секојдневно поминуваат по стотици автомобили и други превозни средства – истакна директорот на комуналното претпријатие Зендел Јонузи и апелираше до граѓаните на Кичево на поголема дисциплина и чување на сообраќајните знаци, без да се оштетуваат или крадат.
Тој најави дека во текот на претстојната пролет ќе биде извршена проверка на вертикалната сигнализација во целиот град и општината, и на оние локации каде што сообраќајните знаци се оштетени или воопшто ги нема, ќе биде поставена нова вертикална сигнализација. З.А.