Свесен дека ова е периодот кога нешто може да се заработи од печалбарите кои периодов се во Кичево за празниците, единствениот уличен свирач во градот Селаудин Абдулоски, не го исплашија ни студот ни снегот, па тој продолжи да свири на неколку локации, пркосејќи им на временските услови и студот.
Неговата музика го привлекува вниманието на минувачите кои, застануваат да го слушаат но и да му остават некој денар.
-Периодот околу Новата година е доста добар за мене бидејќи тука се печалбарите кои имаат дарежлива рака и без исклучок кога ќе ме забележат доаѓаат и оставаат по некој денар или евро, што во овој момент за мене е добредојдено бидејќи немам други приходи. Пред овој период речиси да немав ни малку работа и ме фати голема финансиска криза, но сега барем делумно ќе го надоместам периодот без поголеми приходи- вели тој.
Абдулоски истакна дека ќе замине за Германија каде планира три месеци да ги забавува тамошните минувачи на улиците. Вели дека веќе подолг временски период во минатото работел во најголемите германски градови, Минхен, Франкфурт, Келн, Хамбург и други.
– Бидејќи заработката од месец во месец е во опаѓање тоа ме натера повторно на одреден период да се вратам во Германија, каде свирев и порано и каде ќе продолжам да свирам во наредните три месеци. Во оваа земја стандардот на населението е многу повисок а и мојата заработка очекувам да биде поголема отколку што е тоа моментално во мојот град- додава Селаудин. З.А.