Фото: ЈП Стрежево

Директорот на ЈП „Стрежево“ – Битола, Методија Граматковски заедно со министерот за земјоделие Љупчо Николовски минатата недела учествуваа во порибувањето на водите на акумулацијата „Стрежево“.

Езерото е порибено со 1.000 единки подмладок од крап и 5.000 единки подмладок од пастрмка.
Порибувањето е извршено како дел од активностите за зачувување и заштита на животната средина, спречување на еколошки проблеми и зачувување на биодиверзитетот.

Локацијата на порибувањето беше браната „Стрежево” (крајбрежниот појас во близина на Командната зграда и Шахтниот преливник на акумулацијата „Стрежево”).
Порибувањето е реализирано со сопствени финансиски средства со подмладок од крап со единечна маса од 50-800 грама и пастрмка со единечна маса од 10-70 грама.

– Јавното претпријатие „Стрежево“ со сопствени средства обезбеди подмладок од вкупно 6.000 единки кои денеска ги пуштивме во водите на „Стрежево“. Ние како концесионер, постојано се грижиме за одржување на рибниот фонд во акумулацијата. Со тоа овозможуваме одржување и зголемување на популацијата на риби, а воедно  и зачувување и заштита на автохтони (домородни) и загрозени видови на риби, како и грижа за нивната разновидност, старосна структура и бројност – изјави Граматковски.

– Акумулацијата “Стрежево“ плански управува со рибите во акумулацијата, овозможува трајно користење на рибите преку одржлив развој на рекреативниот и спортски риболов, како и развојот на аквакултурата, рече Граматковски.

Покрај развојот на рибарството и аквакултурата, теми на разговор биле и преземените мерки за престојната сезона за наводнување, користењето и одржувањето на Хидросистемот „Стрежево“, како и улогата на претпријатието како значаен чинител врз развојот на квалитетно и квантитетно земјоделско производство.

М.М